ЃОРЃИ КРАТОВСКИ, св

ЃОРЃИ КРАТОВСКИ, св. (Кратово, 1497 – Софија, 24/11. Ⅱ 1515) – христијански светец. Неговите родители, кратовците Димитар и Сара, од шестгодишна возраст го дале да изучува свештени книги, а потоа го изучувал и златарскиот занает. По смртта на татка си заминал во Софија кај тамошниот првосвештеник Петар, каде што продолжил да се образува во верата и да работи како кујунџија. Како особено виден и надарен граѓанин, на 18-годишна возраст турските власти се обиделе да го придобијат да ја прими муслиманската вера, а откако решително одбил, го упасиле како наклеветен муслимански богохулник. Властите не го прифатиле ниту откупот од свештеникот Петар, туку дозволиле муслиманската толпа да го запали на клада. Кога прегорело јажето со кое бил врзан, се прекрстил и му се обратил на Исус Христос дека му го предава својот дух. Еден од присутните Османлии го удрил со цепаница по глава и овој починал. Османлиите одбиле да го предадат за погреб неговото тело, туку во огнот нафрлале животни за да не можат да се препознаат неговите останки. Но с” изгорело, а телото на маченикот останало неизгорено и еден христијанин ноќта го пренел во својот дом, а потоа во софиската соборна црква „Св. Великомаченица Марија”. Зачувано е Житието и Службата за него од современикот поп Пејо (од ок. 1515-1523) и од руските монаси Илија Псковски (1539) и Василиј (ⅩⅤⅠ в.). Неговиот најран портрет се наоѓа во црквата „Св. Никола” кај с. Топлица, Демирхисарско (1541). Поради неговата маченичка смрт, бил прогласен за светец од Синодот на Охридската архиепископија (меѓу 1547 и 1549). Бил патрон на кујунџискиот и на ковачкиот еснаф во Кратово и во Скопје. Прва црква што му е посветена нему е изградена во родниот град (1925), а во поново време во Детроит (1994). Бил инспирација за драмата „Ѓорѓе Кратовац” од српскиот писател Гавро Фреска Св. Ѓорѓи Кратовски, црква „Св. Атанасиј Александриски” во с. Журче Милорадовиќ (Белград, 1892) и за бугарскиот романсиер Станимир Ив. Топуков (Софија, 1975). ЛИТ.: Стојан Новаковић, Служба и живот св. йорÚа Кратовца, „Гласник Српског ученог друштва”, 21, Београд, 1867, 97-156; Стара българска литература, т. ИВ. Житиеписни творби. Съставителство и редакция Климента Иванова, София, 1986, 291-308; Цветан Грозданов, Мачениците од ⅩⅤ-ⅩⅠⅩ век во живописот на Македонија, „Прилози”, МАНУ, Одделение за општествени науки, ЏЏИВ, 1, Скопје, 1993, 40; Добрила Миловска – Јован Таковски, Македонската житијна литература IX–ⅩⅤⅠⅠⅠ век, Скопје, 1996, 62-67 и 141-158; Михаило Георгиевски, Македонски светци, живот и култ, Скопје, 1997, 167-181. С. Мл. Тане Стојчев Ѓорѓиев, (Ѕоле војвода)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *