ЃОРЃИЕВ, Тане Стојчев

ЃОРЃИЕВ, Тане Стојчев (Ѕоле војвода; Атеш-паша) (с. Баница, Леринско, ? – Лерин, 31. Ⅻ 1909) – национален деец и легендарен лерински војвода на ТМОРО/ ВМОРО. Во младите години бил печалбар во Цариград. Откако се вратил во родното село (1902), станал член на една ударна група на ТМОРО, а потоа комита и секретар во четата на војводата Тане Кљанџо. Во време на Илинденското востание (1903) бил војвода на Леринскиот револуционерен округ во востаничкиот пункт на пл. Кајмакчалан и учествувал во повеќе борби (кај Беловодица, на пл. Кајмакчалан, кај Осои, Попадија, Чеганските Планини и на др. места). Продолжил да дејствува како лерински војвода и по задушувањето на востанието. Бил огорчен непријател на грчките андарти и на врховистите. Учествувал во борбата на здружените чети со војводите Павле Раковчето и Нацо Русоленчето (околу 300 комити) против османлиската војска во с. Жерви за фаќање на леринскиот кајмакам што пристигнал во селото (есента, на Петковден 1904). Притоа османлиските сили имале 40 загинати, а комитите само еден ранет, но кајмакамот не го фатиле. Поради тоа, акцијата ја повториле во истата недела, овој пат во Лерин, кога го заробиле, барајќи од него да потпише дека Лерин е комитски, а откако потпишал, го убиле. Во зимата на 1904 г. кај него пристигнал Ј. Попхристов со писмо од Христо Матов за негово назначување за војвода во Леринскиот револуционерен округ, но бил одбиен со зборовите: „Кажете му на тој предавник Хр. Матов да престане да се меша во нашите македонски внатрешни работи дури е уште време. Матов седи во Софија и оттаму сака да н” командува. Матов ја изневери Македонија. Тој е човек на Софија, а не на Македонија…” Заедно со четите на Петре Христов-Германчето, Димко од с. Драгош, Петре од с. Неолени и Аце од с. Баница, водел борба со османлиската војска кај с. Раково (1906). Неколку дена пред Хуриетот се обидел со преговори да ја отстрани андартската чета што дејствувала на тој терен. По неуспешните преговори дошло до меѓусебна оружена борба, но успеал да ја извлече далеку помалобројната чета. Соработувал со младотурците и во времето на Хуриетот свечено влегол со својата чета во Битола (1908). Се противставил на формирањето на бугарскиот Конституционен клуб во Лерин, во кој влегле војводи на ВМОРО и учители, а кога не ус-пеал во тоа, како најистакнат деец, ја насочил нивната дејност спротивно од основачките цели – за поддршка на санданистите и на Народната федеративна партија, за народна просвета, за борба против внатрешната реакција, заштита на конституциониот режим, за демократизација, рамноправност и против завојувачката политика на балканските држави. Од тие причини, врховистите го ликвидирале угледниот шиназефенди, кој бил соработник на ВМОРО, и Ѕоле војвода, наклеветувајќи го дека тоа е негово дело. На митингот на кој претседавал (31. Ⅻ 1909), своите политички определби ги објаснувал со зборовите: „Треба да работиме за отоманизам, во смисла на дело да се побратимиме, за да ја зачуваме територијалната целост на Македонија, зашто таму е нашиот спас. Инаку ќе станеме објект за завојување од надворешни грабачи, кои го бараат богатството на нашата земја.” По завршувањето на митингот, во знак на одмазда за божемното убиство на шиназефенди, во една слаткарница бил убиен од Турчинот Садреадин. Опеан е во повеќе народни песни, според кои оставил сопруга вдовица и „дробна чељад”. ЛИТ.: Народни песни од Егејска Македонија. Собрал Паскал Паскалевски, Скопје, 1959, 97-98; Сокол ми лета високо. Збирка на изворни револуционерни и лирски народни песни од Егејска Македонија. Собрал и подготвил за печат Ѓорѓи Доневски. Мелографирал Живко Фирфов, Скопје, 1978, 28-29; Брале се собрале (мелографирана народна песна), „Наш свет”, ⅩⅤⅠⅠ, 634, Скопје, 26. IX 1979, 6; Спомени и биографии на илинденци, Битола, 1993, 15, 45, 54, 65, 67-68, 85, 100, 139, 195, 212-213, 216; Марко Китевски, Македонски борбени народни песни. Антологија по повод 60 години од АСНОМ, Скопје, 2004, 241 и 328. С. Мл.