ЃОРЃЕВСКИ, Ристо Трпев

ЃОРЃЕВСКИ, Ристо Трпев (с. Теарце, Тетовско, 24. Ⅲ 1919 – Скопје, 16. Ⅳ 1996) – психолог, универзитетски професор. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1950). Со титулата доктор на психолошки науки се стекнал на Филозофскиот факултет во Загреб (1955). Бил инспектор за просвета и раководител на Одделението за школство при Министерството за просвета на ФРМ (1944–1951). За асистент по психологија на Филозофскиот факултет во Скопје е избран 1951, а за редовен професор во 1969 г. На Институтите за педагогија и психологија ги предавал предметите: Општа психологија, Детска психологија и Педагошка психологија. Основач е на Катедрата (Институтот) за психологија и бил нејзин прв раководител. Бил декан на Филозофскиот факултет (1969–1973), претседател на Здружението на психолози на СФРЈ (1972–1976). Држел предавања на повеќе универзитети во СФРЈ, а бил визитинг професор на Универзитетот Чико, Калифорнија (1973–1974). БИБ.: Улога квалитета разреда, скале оцјена и класификационих периода у школском оцењивању, зб. Методолошки проблеми процењивања знања и особина ученика, Београд, 1969, 25-54; Зависност оцена од пола ученика (коавтор Нада Божановиќ), „Зборник Филозофског факултета у Приштини”, В, 447-452; О школским оценама сеоске и градске деце, „Зборник Филозофског факултета у Приштини”, Ⅵ; Кохезија наставних предмета, „Зборник Филозофског факултета у Приштини”, В, 1968, 71-83; Оцјене ученика и ученице из појединих предмета, „Психологија”, Београд, 2, 1969, 288-302.ЛИТ.: „Билтен на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Скопје, 10. Ⅳ 1970; Филозофски факултет: 1946–1996, Скопје, 1996, 91. В. Арн.