ЃАКОНОВСКИ-ШПАТО, Драган

ЃАКОНОВСКИ-ШПАТО, Драган (Скопје, 11. Ⅲ 1931 – Скопје, 3. Ⅰ 1987) – композитор, аранжер, диригент. Дал исклучителен придонес за развојот на популарната музика во Македонија. Првите Драган Ѓаконовскишпато контакти со џезот ги имал слушајќи ги странските радио станици (Глас на Америка, Радио Луксембург). Го формирал (1948) Студентскиот академски џез-ансамбл. Од 1950 г. работи во Радио Скопје, каде што го основал и го водел Танцовиот оркестар на МРТ. Многу брзо станал еден од водечките аранжери и оркестратори во тогашната Југославија. Има фасцинантен опус во кој спаѓаат околу 5.000 аранжмани за мали состави, биг-бенд оркестри, гудачки ансамбли и за ревиски оркестар. Напишал и неколку десетини сопствени композиции („Лени”, „Зар сè поминало”, „Молчи една долина” итн.) во кои го оставил својот препознатлив авторски и аранжерски белег што беше водилка за многу идни автори во овој вид музика. М. Кол.