ШУРДОВ

ШУРДОВ (ВЕДРОВ), Асен (Видин, 16. Ⅵ 1914 – Софија, 4. Ⅴ 1945) – поет, преведувач, новинар. Студент по литература на Софискиот универзитет. При крајот на октомври 1938 г. во неговиот стан на ул. „Љулин“ бр. 20 во Софија било одржано Основачкото собрание на Македонскиот литературен кружок. Неговата поезија е силен социјален протест против капиталистичкото општество, со верба во посреќната иднина на работниот народ, но и љубов кон поробената и распарчена татковина Македонија. Објавувал во весниците: „Жар“, „Младешки преглед“, „Академик“, „Литературен критик“, „Нова камбана“, „Современик“, „Жажда“. Подготвената стихозбирка за печат била уништена (1939). ЛИТ.: Васил Тоциновски, Тројца кружочници, Ск., 1997. В. Тоц.