ШТЕТИ ОД ИНСЕКТИ ВРЗ ДРВЈАТА

ШТЕТИ ОД ИНСЕКТИ ВРЗ ДРВЈАТА. Ги има многубројни и разновидни, специфични за одделни видови инсекти. Се разликуваат по начинот на кој инсектите ја земаат храната од дрвјата, по реакцијата на дрвјата и по последиците што остануваат. Од практичен аспект, можат да се групираат според начинот на кој се направени: штети од грицкање на цврстите делови на дрвјата; штети на листот (дупчесто и странично грицкање, скелетирање, минирање и свиткување на листот); штети на стеблото и на гранките (грицкање на кората, под кората, во беловината и срцевината); оштетување на шумското семе; штети на кореновиот систем; штети од легалки (положување јајца во легалки во некои органи и делови на дрвјата); штети од шмукање на растителните сокови од инсекти што имаат устен апарат за бодење и шмукање (причинуваат механички штети, деформации на одделни органи и физиолошко слебеење на стеблата); создавање гали-шишки или цецидии (деформирани ткива што настануваат како реакција на внесените цецидогени материи од инсектите при нивната исхрана или при положувањето јајца). Ст. Н.