ШОПТРАЈАНОВА, Лидија Стојанова

ШОПТРАЈАНОВА, Лидија Стојанова (Битола, 23. Ⅺ 1941) – редовен професор (1993) на ПМФ, Институт за хемија (пензионирана во 2005). Дипломирала (1965) на ТМФ во Скопје, магистрирала (1975) на ПМФ во Белград, а докторирала (1981) на Хемискиот факултет во Скопје. Била шеф на Погонот за синтетички лепила во Хемиската индустрија „Пролетер“ во Скопје (1965). Држела настава по предмети од подрачјата на аналитичката хемија, инструменталната анализа, статистичката обработка на експериментални податоци и изворите и користењето на хемиски информации. Главни подрачја на нејзиниот научен интерес се изучувањето на комплексни соединенија на паладиум и рамнотежите во неводна средина, а и структурната хемија, поларографијата и анализата на прехранбени производи. Објавила педесетина трудови (20 надвор од Македонија), еден универзитетски учебник и едно универзитетско учебно помагало, како и два средношколски учебника. Била (1975–1976) главен уредник на списанието „Билтен на Технолошко-металуршкиот факултет“ и член (1987–1993) на Уредувачкиот одбор на списанието „Гласник на хемичарите и технолозите на Македонија“. Учествувала во обработката на 15 домашни проекти (на 1 била раководител). Била претседател и член на Комисијата за аналитичка хемија при Унијата на хемиските друштва на Југославија, претставник на Македонија во Комисијата за аналитичка хемија при Федерацијата на европските хемиски друштва (ФЕЦС), раководител на постдипломските студии на Институтот за хемија, член на Комисијата за настава при Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. ЛИТ.: Природно-математички факултетСкопје, 1946–1996, Скопје, 1996, 227; 60 години Природно-математички факултетСкопје, Скопје, 2006, 252-253. Б. ш.