ШКОЛИ НА ЕКОНОМСКАТА МИСЛА

ШКОЛИ НА ЕКОНОМСКАТА МИСЛА. Економските мислители настојуваат преку разгледување, размислување, логичко воопштување и толкување да го спознаат економскиот живот. Тие даваат дијагноза на состојбите, ги откриваат развојните законитости и тенденции, предлагаат промени на состојбите во економскиот живот во позитивна насока и сл. Од нивните настојувања за изучување на економскиот живот се формирани бројни школи на економската мисла, кои се карактеризираат со свој предмет на изучување, се потпираат врз одредена економска теорија, користат одредени методи на изучување, градат своја економска терминологија и фонд на сознанија за одредени аспекти на економскиот живот, предлагаат одредена макроекономска политика за менување на состојбите и сл. Одделните економски школи добиваат називи според различни критериуми: според основачот на школата (марксистичка економија, кејнзијанизам и др.), според името на државата во која живее и работи основачот или главните претставници на одредена школа (австриска школа, германска историска школа, шведска школа и др.), според градот или универзитетот во кој работи основачот или главниот претставник на одредена школа (лозанска школа, кембричка школа, виенска школа, чикашка школа и др.), според предметот на изучувањето (меркантилизам, физиократска школа, монетаризам и др.) итн. Во одредени периоди доминира една или неколку школи на економската мисла и тие го формираат корпусот на стандардната економска наука во даден период. Покрај нив постојат и други школи кои имаат одредено влијание врз економскиот живот. Најчесто тие се нарекуваат алтернативни школи или хетеродоксна економска мисла. Денес, корпусот на стандардната економска наука го сочинуваат сознанија од т.н. голема економска синтеза, сознанија од неокласичната (неолибералната) економија и сознанија од кејнзијанизмот во најширока смисла на зборот. А во хетеродоксната економска мисла се вклучуваат институционализмот со неговите различни форми, разни облици на левоориентираната економска мисла, историската школа и др. Во разни периоди од развојот на РМ се користат сознанија од различни школи на економската мисла. Во периодот до Втората светска војна кај нас не постоеше доминација на ниту една школа на економската мисла. Тоа се објаснува главно со фактот што имаше мал број школуван високостручен кадар, земјата немаше економски факултети, економски институти и сл. Малиот број високостручни кадри, иако беа школувани во странство, немаа можности да ги применат стекнатите сознанија во нашата земја. Во периодот од Втората светска војна до крајот на 80-тите години, односно во периодот кога нашата земја беше во составот на СФРЈ, доминираше марксистичката економска мисла и пошироко марксизмот како теорија, идеологија и поглед на светот. Исто така, во тој период, а посебно во периодот на самоуправувањето (1950–1990), се користеа и одредени сознанија од Западот (главно сознанија на кејнзијанската и неокласичната економија). Придонес за развојот на економската мисла во нашата земја во тој период имаа повеќе фактори: зголемениот број на високостручните кадри, работењето на одредени економски факултети и економски институти, студиските престои на домашни кадри во странство и сл. Во периодот на транзицијата, односно последниве петнаесеттина години, во нашата земја е с“ позабележливо присуството на сознанијата од стандардната светска економска наука. Поконкретно кажано, се користат сознанија на т.н. голема синтеза, сознанија од неокласичната (неолибералната) економија, сознанија од кејнзијанската економија сфатена во најширока смисла на зборот и др. Спротивно на тоа, мошне е скромно користењето на сознанија од хетеродоксната економија. Во нашата земја доминира трансферот на сознанија од светската економска наука, а е релативно помал делот на емпириските истражувања со користење на современите методи на научноистражувачката работа. Како позитивен тренд во поново време може да се оцени зголемената комуникација на македонските економисти со економисти во странство (стекнување магистерски и докторски титули, учество на меѓународни научни собири, учество во изработката на меѓународни проекти, визитинг-професори, престои на странски експерти во нашата земја и сл.). ЛИТ.: Методија Стојков, Развој на економската мисла, Економски факултет, Скопје, 2002. Таки Фити, Современите макроекономски концепции и економските политики, Економски факултет, Скопје, 2001; Харрѕ Ландретх анд Давид Ц. Цоландер, Хисторѕ оф Ецономиц Тхоугхт (фоуртх едитион), Хоугхтон Миффлин Цомпанѕ, Бостон-Торонто, 2002. М. С. школки