ШАПКАРЕВ, Илија Андонов

ШАПКАРЕВ, Илија Андонов (с. Велгошти, Охридско, 26. Ⅶ 1931) – математичар, ред. проф. (1975) на ЕТФ. Дипломирал (1954) на Филозофскиот факултет (асистент од 1959 на Техничкиот факултет) и докторирал (1964) на ПМФ со тема „Инваријантни диференцијални равенки во однос на смена на функцијата“. Во учебната 1965/66 г. бил на специјализација во Математичкиот институт во Гетинген, Германија. Научниот интерес му е областа на диференцијалните равенки. Автор е на 60-тина научни трудови и на учебници за високо и средно образование, учествувал на голем број конгреси и симпозиуми. Бил ментор на докторски и магистерски трудови и мошне активен на стручно и општествено поле. БИБ.: (Коавтор со П. Кржовски) Линеарна алгебра со аналитичка геометрија во простор, Скопје, 1967; Математика Ⅲ, Скопје, 1991; Математика Ⅳ, Скопје, 1991. ЛИТ.: Развој и состојба на математичките науки во СР Македонија, МАНУ, 1987; БУ бр. 387/’82. Н. Ц.