ЧУБЕЛИЌ, Твртко

ЧУБЕЛИЌ, Твртко (Бихаќ, БиХ, 2. Ⅲ 1913 – Загреб, 11. Ⅷ 1995) – хрватски унив. професор, фолклорист, книжевен историчар и теоретичар. Основно училиште и гимназија завршил во Бихаќ. Како осмокласник бил исклучен поради учеството на комеморацијата на Ст. Радиќ, поради што полагал приватно во Бања Лука (1931). Две години студирал право (1931–1933), а потоа на Филозофскиот факултет во Загреб завршил филозофија, етнологија и југословенска книжевност (1933– 1946). Во Втората светска војна учествувал во антифашистичкиот отпор, а по војната бил професор во гимназија, потоа во Воената академија и предавач по народна книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб (од 1949). Докторирал на тема „Слика друштвених и културних прилика у нашој народној епици“ (1961), по што станал постојан професор и шеф на Катедрата за усна народна книжевност (1962–1983). Се занимавал со истражување на сите жанрови на усната книжевност. Објавил антологиски збирки од народното творештво во својата едиција од осум книги „Усна народна книжевност“. (Наместо терминот народна книжевност го афирмирал терминот усна народна книжевност.) По првите научни трудови од областа на фолклорот и етнографијата (1938), објавил голем број одделни монографии, антологии, зборници, учебници итн.). Бил соработник на списанието „Македонски фолклор“ на Институтот за фолклор во Скопје од првиот број (1968), учесник на традиционалниот Меѓународен симпозиум за балканскиот фолклор во Охрид, на одржаните конгреси на југословенските фолклористи и на други научни собири во Македонија. Во научните трудови обилно го обработува и македонскиот фолклор. БИБ.: Хрватске народне приповетке, Загреб, 1951; Народне приповетке, Загреб, 1951; Народне пословице, питалице и загонетке, Загреб, 1957; Лирске народне пјесме, 4. изд., Загреб, 1963; Устанак и револуција у ријечи народног пјесника, Загреб, 1966; Усмена народна реторика и театрологија, Загреб, 1970; Народне приповетке, пето изданје, Загреб, 1970; Епске народне пјесме, Ⅵ изданје, Загреб, 1970; Кнјижевни лексикон. Основни теоријско-кнјижевни појмови и био-библиографске билјешке о писцима, треќе надопунјено и проќерено изданје, Загреб, 1972; Бриге човјекове и судбине лјудске у лирским народним пјесмама, пето изданје, Загреб, 1979; На стазама усменог народног стваралаштва, Осијек, 1982; Повијест и хисторија усмене народне кнјижевности. Хисторијске и литерарно-теоријске основе те генолошки аспекти – Аналитичко-синтетички погледи, Загреб, 1988. М. Кит. ЧУБРИЦА, АДАМОВИЌЕВА