ЧОРАПИ

ЧОРАПИ – составен дел на народната носија. Со својата декоративност придонесуваат за нејзиниот целосен естетски впечаток. Се изработувале (се плетеле) од волнена преѓа, во еден кат, а ако биле изработувани од памучна преѓа се плетеле со памучен конец во два ката. Волната за чорапи во с. Орах, Кумановско, се одбирала, се влачела на ногати гребенци (кудељици), се предела на кадела и на вретена, така што ќе се спрегне (постави) во два ката на вретеното и потоа се м’сти (се бојадисува). Женските чорапи обично биле долги до под колената и се состојат од врв (прстите), стапало, пета (петица), горниште и трачки (брпки) сукани од две преѓи, со кои се заврзувале. Биле плетени на рака, со две или три игли. Чорапи Постојат разни видови орнаментирани женски чорапи. Најстарите се карактеризираат со орнаменталниот мотив кола. Старите невестински чорапи биле богато орнаментирани, при што доминирала црвената боја. Чорапите што биле наменети за помладите девојки се изработувале на црвена основа, со акценти на зелена, модра и жолта, додека чорапите наменети за постари жени се изработувале на темна, црна основа и биле орнаментирани со дискретни орнаменти, поставени во хоризонтален ред. Машките чорапи се пократки од женските. Најчесто се отворени и тоа од внатрешната страна, од зглобот (глезенот), па нагоре. Во горниот дел се врзувале со трачки. Порано во некои региони во Македонија, во колоритот на машките чорапи доминирала зелената боја. Кон крајот на ⅩⅠⅩ и почетокот на ⅩⅩ в. тие биле орнаментирани на црвена основа, но за разлика од поранешните чорапи, не биле отворени и биле нешто подолги од првите. Овој понов тип машки чорапи бил орнаментиран со мотивите кола, орнамент застапен во горниот дел на стапалото и на горништето. Ј. Р.-П. Благоја Чоревски