ЧОПОВ, Тодор Донев

ЧОПОВ, Тодор Донев (Кукуш, февруари 1892 – Рила Планина, 27. Ⅸ 1923) – внук (од сестра) на Г. Делчев, просветен, театарски и литературен деец, револуционер, анархокомунист и учесник во македонското ослободително движење. Основното образование го завршува во родниот град, а Ⅴ клас во Гимназијата во Солун. Семејно задоен со патриотски и револуционерен дух, се вклучува во тајните социјалистички и толстоистички кружоци, а по бунтот (1908), како еден од водачите, истеран е од Гимназијата. Ј. Сандански го назначува за учител во пиринското село ОШТАВА. Со свест дека се борат за слободата на Македонија, во Кукуш се формира доброволечки одред, во кој влегуваат сите останати живи мажи од Делчевото семејство, па и Тодор со брат му и со мајка му Руша активно учествуваат во Балканската војна. Но наместо да се борат во Македонија, биваат испратени на Одринскиот фронт. По Втората балканска војна и Букурешкиот мир (1913) оди кај преселеното семејство во Софија и по долги премрежиња се вработува во Централната пошта. Кога почнува Светската војна семејството се префрла во Горна Џумаја (Благоевград) и Тодор одново станува поштенски чиновник (телеграфист) и тутунар (1915), а браќа му Мирче и Туше се на фронтот, каде што Мирче и загинува. Тој формира театарска група и создава дом за култура со читалиште и усилено пишува раскази и драмски текстови за Војната и состојбите. Ги прифаќа идеите и акциите на Привременото претставништво на бившата ВМРО и станува член на Управата во Г. Џумаја – со идејата за „Автономна Македонија – обединителна алка на идната Балканска Федерација“ (9. Ⅵ 1919). Преживува неколку обиди за атентат од ВМРО на Т. Александров. За да има време и за литературна творечка дејност, станува договорен учител во с. Дреново (1922/23). По решението за востание под раководство на КПБ, во Г. Џумаја се формира Револуционерен комитет и Чопов станува командир на одделение во востаничкиот одред. Како делегиран преговарач со силите на „автономистите“ на Т. Александров, тој е уапсен и стрелан во полите на Рила Планина. Остава скромно, но значајно објавено и необјавено литературно наследство: две повести, 15 раскази, драма, песна во проза и стихови. БИБ.: Повести и раскази. Редактор Георги Караславов, София, 1968; Собрани творби. Приредил д-р Блаже Ристовски, Скопје, 1982. ЛИТ.: Јован Павловски, Огнено семејство. Спомени на Лика Чопова, Скопје, 1978; Д-р Симо Младеновски, Револуционерката Руша Делчева (1868–1945). По спомените на Лика Чопова, Скопје, 1983; Д-р Блаже Ристовски, Портрети и процеси од македонската литературна и национална историја, И, Скопје, 1989, 562–599. Бл. Р.