ЧКАТРОВ, Јордан

ЧКАТРОВ, Јордан (Прилеп, 1898 – Скопје, 1946) – член на ВМРО и на Студентското друштво „Вардар“ во Софија. Во 1924 од ЦК на ВМРО бил испратен во САД за да ги организира иселеничките македонски друштва. Од 1924 до 1927 бил секретар на Сојузот на МПО и главен редактор на неговиот орган „Македонска трибуна“. Од 1928, по враќањето во Бугарија, бил еден од најблиските соработници на Ив. Михајлов. Од 1934, по ликвидацијата на ВМРО во Бугарија, бил адвокат. Во времето на бугарската окупација на Македонија бил адвокат во Скопје. По војната бил уапсен, осуден и ликвидиран од македонската власт. ЛИТ.: Зоран Тодоровски, ВМРО 1924– 1934, Скопје, 1997; истиот, Политичките погледи на МПО за ослободување и создавање на независна Македонија, зб. Иселеништвото од Македонија од појавата до денес, Скопје, 2001. З. Тод.