ЧИПАН, Борис

ЧИПАН, Борис (Охрид, 27. Ⅲ 1918) – архитект, редовен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Белград (1941). Покрај со педагошката дејност (предавал Проектирање и општествени згради) се занимава и со конзервација на градителското наследство (бил прв директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата), со архитектонско проектирање и со публицистика. Учествува на повеќе анонимни архитектонски конкурси. На полето на конзервацијата позначајни реализации му се: црквите „Св. Софија“ во Охрид, „Св. Наум“, „Св. Пантелејмон“ во Нерези и др. Од областа на архитектонското проектирање позначајни објекти се: судските згради во Штип, Велес и Битола (1956); Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во Скопје (1976); Фабриката за фротир во Делчево (1959); поголем број на индивидуални семејни куќи во Охрид. Се занимава со научноистражувачка работа. БИБ.: Старата градска архитектура во Охрид (Ⅱ издание), Скопје 1955; Македонските градови во ⅩⅠⅩ век, Скопје 1978; 111 тези за архитектурата, Скопје 1986; Света Софија, Катедрален храм на Охридската архиепископија, 1996; Текстови за архитектурата, 1998. ЛИТ.: К. Грчев, Архитектот Борис Чипан, во: Архитектурата на почвата на Македонија од средината на ⅩⅠⅩ до крајот на ХХ век, Прилози за проучувањето на историјата на културата на почвата на Македонија, 14, Скопје, 2006, 113–122. Кр. Т.