ЧЕШМЕЏИЕВ, Јосиф

ЧЕШМЕЏИЕВ, Јосиф (Скопје, 8. Ⅶ 1890 – Софија, 28. Ⅳ 1964) – композитор и фолклорист. Се школувал во Скопје, Куманово, Солун и во Цариград. Во Солун бил ученик на Атанас Бадев. Првите музички композиции ги создал во Цариград, во почетокот на ⅩⅩ в. Краток период учителствувал во Скопје, а во 1909 г. заминал во Лајпциг, Германија, каде што на Конзерваториумот учел композиција кај прочуениот Макс Регер. По завршувањето на Лајпцишкиот конзерваториум, во 1913 г. кратко работел во Видин и во Јамбол (Бугарија). Напишал повеќе композиции, меѓу кои две опери – „Меглена“ и „Тајните на Вардар“, која е создадена 1920 г., но не доживеала да биде изведена. Се занимавал со собирање македонски народни песни, кои делумно и ги издал (1926). М. Кол. Владо Чимев