ЧЕТНИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

ЧЕТНИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА (ДРАЖИЌЕВЦИ) (1941–1944) – военополитичка организација што имала цел да се врати стариот српски кралски поредок во Македонија. Започнала да се формира од 1941, а поорганизирано во 1942 г. Нивната стратегија во Македонија била да собираат известувачки податоци за воените и политичките состојби на теренот, кои потоа се дистрибуирале до главниот пункт во Скопје на чело со Душан Карамитровиќ. Имале штабови во Козјак и во Порече. Со доаѓањето на Војче Трбиќ во Македонија (1942) Организацијата се престроила и организационо зајакнала. Најголеми воени единици биле Вардарскиот четнички корпус, на чело со Стојан Крстиќ, и Поречката четничка бригада. Во август 1944 г. кај с. Драгоманце (Кумановско) биле наполно разбиени од Македонската војска и дошло до нивно распаѓање. Дел од четниците подоцна се вклучиле во единиците на Македонската војска, а дел по Војната биле заробени и судени. ЛИТ.: Младен Цолиђ, Четничке војне формације Драже Михајловиђа у Македонији 1942–1944 године, зб. Развојот и карактеристиките на НОВ во Македонија, Скопје, 1973; Ѓорѓи Малковски, Политичките партии и организации во Македонија во Втората светска војна 1941–1944, Скопје, 2002. Ѓ. Малк.