ЧЕТИРИЕСЕТ И ОСМА ДИВИЗИЈА НА НОВЈ

ЧЕТИРИЕСЕТ И ОСМА ДИВИЗИЈА НА НОВЈ (1944–1945) – воена единица формирана во с. Пласница, Кичевско, на 28. Ⅸ 1944 г. Во нејзиниот формациски состав влегле 1., 6. и 15. македонска бригада и 4. албанска (шиптарска) бригада. Во средината на октомври влегла во составот на ⅩⅤ корпус на НОВЈ. Учествувала во ослободувањето на Охрид (7. Ⅸ) и Струга (8. Ⅸ), ги ослободила Кичево и Гостивар. Во почетокот на јануари 1945 г. во нејзиниот состав влегле 1., 2. и 14. македонска и 2. артилериска бригада. Учествувала во пробивањето на Сремскиот фронт и во сите борби до конечното ослободување на Југославија. Борбениот пат го завршила до Целје и Дравоград. На враќањето кон Македонија во БиХ учествувала во чистењето на теренот од заостанати четнички и усташки сили. ЛИТ.: Боро Митровски, Петнаести (Македонски) корпус НОВЈ, Београд, 1983; Лексикон НОР и револуције у Југославији 1941–1945, Београд; Зборник НОР-а…, Ⅶ, кнј. 4. В. Ст.