ЧЕЛИКУ, Емин Калош

ЧЕЛИКУ, Емин Калош (с. Црвица, Кичевско, 13. Ⅱ 1951) – поет, раскажувач, романсиер, драмски писател и писател за деца. Основно образование завршил во родното место, а образованието го продолжил во Учителската школа во Скопје. Студирал книжевност и дипломирал на Филозофскиот факултет во Приштина. Еден период работел како учител и наставник во Скопско, а потоа како главен уредник на списанието „Стили ’77“, орган на ДПАМ, и како директор на книгоиздателството „Асдрени“ во Скопје. Член е на ДПМ (1987). БИБ.: Птицата што дојде со една песна, 1982; Зајакот со пушка, поезија, 1983; Сонцето слегува од планините, новела, 1986; Мечка без опашка, проза и поезија, 1986; Погребот на гавраните, роман, 1986; Снежни години, роман, 1990; Барабаните на телалот, сатира, 1992; Господару лаат птиците, драми, 1993; Тројанскиот коњ низ Бит-пазар, сатира, 1994; Тато има две невести, роман, 1995; Грозење, 1996; Волкот знае една игра, поезија, 1997; Градот на кукавиците, роман, 1997; Синоќа спиев со есента, поезија, 1999; Жугалото стадо го гони авторот, драми, 2000; Јавна куќа, сатира, 2000; Смртта ме сакаше помалку од тебе, поезија и проза за возрасни, 2003. Н. С.