ЦРВЕНКОВСКИ, Крсте Трајков

ЦРВЕНКОВСКИ, Крсте Трајков (псевд. Стево, Јанко, Богумилски) (Прилеп, 16. Ⅶ 1921 – Скопје, 21. Ⅶ 2001) – припадник на комунистичкото, младинското и студентското движење, партиски и државен раководител. УШТЕ како гимназијалец политички дејствувал во Прилеп и потоа во Скопје. Во 1935 г. бил член на СКОЈ, потоа на КПЈ и на Месниот партиски комитет во Прилеп (1939). Поради полициските прогони преминал на илегална работа. По бугарската фашистичка окупација работел на организирање на оруженото востание и учествувал во нападот на участокот во Прилеп на 11 октомври 1941 г. Бил политички комесар на Првиот партизански одред „Гоце Делчев“. Од крајот на годината бил на партиска работа во Западниот дел на Македонија (под италијанска окупација), секретар на ОК на КПЈ во Тетово. Во илегалната партиска техника го издавал весникот „Братство“ и други партиски пропагандни материјали. Во септември 1942 г. по предавство во Гостивар бил уапсен и одведен во затворот во Тирана. Во април 1943 г. избегал со 27 затвореници и повторно се активирал на истиот терен како секретар на првиот Областен комитет на КПМ. Во декември 1943 г. го организирал Основачкиот конгрес на НОМСМ, бил избран за секретар, подоцна и за претседател. По капитулацијата на Италија бил поставен за организационен секретар на СКОЈ за Македонија, а од јуни 1944 г. за заменик-комесар на Првата македонско-косовска бригада. По Ослободувањето вршел високи политички и државни функции во Републиката и во Федерацијата: член и претседател на Владата на Македонија, министер за образование и култура во Владата на СФРЈ, политички секретар на ЦК на КПМ, член на Извршното биро на ЦК на СКЈ, потпретседател на Претседателството на СФРЈ. Поради барањето за поголема самостојност на републиките во СФРЈ, дошол во судир со официјалната политика и во 1974 г. бил разрешен од сите функции и пензиониран. Прогласен за Народен херој. БИБ.: Сојузот на комунистите на Македонија и демократизацијата на општеството, Скопје, 1971; Во одбрана на македонската кауза, Охрид, декември 1989; Заробена вистина, Скопје, 2003 (коавтор Мирче Томовски); Нашиот поглед на времето на Колишевски, Скопје, 1996 (коавтор Славко Милосавлевски); На браникот на македонската самобитност. Материјали од политичките разговори за македонското прашање, Скопје, 1998. ЛИТ.: Народни херои од Македонија, Скопје, 1973; Јован Филип, Подводни гребени на политиката. Разговори со Крсте Црвенковски, Скопје, 1993. О. Ив. Стево Црвенковски