ЦВЕЌАРСТВОТО ВО РМ

ЦВЕЌАРСТВОТО ВО РМ. Организирано се развива од седумдесттите години на ⅩⅩ в., во заштитени простори и на отворено (вкупно на околу 20 ха). Се произведуваат околу 20 вида цвеќе: режен цвет (каранфил, гербера, стрелиција, кала, трендафили, хризантема, крин, гладиола, ирис, алстроемерија, еустома); саксиски цвеќиња; луковици и клубени (гладиола, крин, лијатрис, ирис); едногодишни и двегодишни сезонски цвеќиња; перени и декоративни садници (садници од ружи). Традиционални производители на цвеќе беа земјоделските комбинати (стакленичко производство, претежно наменето за извоз на југословенскиот пазар) во Гевгелија, Охрид, Богданци, Прилеп, Струмица. Комуналните претпријатија имаа расадничко производство на повеќегодишни цвеќиња за паркови и градини и декоративни садници. Производството на луковици беше значајна ставка и тоа на режени гладиоли во Велешкиот регион и на саден материјал – луковици од гладиоли и лалиња (во Велешкиот, Гевгелискиот и Скопскиот регион). По 1990 г. производството на цвеќе опадна, а постои и недостиг на евиденција за обемот и асортиманот на производството, како и на производителите на цвеќе. Пораст на производството, појава на нови производители на цвеќе и нови култури, се забележува по 2002 г. Евидентирани се стотина производители на цвеќе, но на многу мали површини, а производството на цвеќе за повеќето е секундарна активност. Евиденцијата за извозно-увозните текови со цвеќето е многу непрецизна, а извозот е нестабилен (од 25.000 до околу 300.000 долари). До 1992 г. цвеќето се извозуваше во балканските земји: СР Југославија, Словенија, Хрватска (традиционални купувачи) и во Грција. Увозот бележи постојан пораст од 1992 г., но и тука има изразени осцилации (од околу 100.000 долари во 1993 г. до над 800.000 долари во 1996). Најмногу се увозува: режено цвеќе, хризантеми, ружи, орхидеи и саден материјал за луковици. Увозот во периодот 1992–1997 г. се врши главно од Холандија, со постојан раст (од 10.000 долари во 1992 г. до над 700.000 долари во 1997). Се увезува и од: Бугарија, Турција, Србија, Грција, Италија, Израел и од други земји. С. Х. П.