ЦАРИГРАДСКА ПАТРИЈАРШИЈА

ЦАРИГРАДСКА ПАТРИЈАРШИЈА – вселенска православна црква, прва во диптихот на помесните православни цркви, со седиште во Цариград. На Четвртиот вселенски собор (451) се спомнува Константинополската архиепископија, која прераснала во патријаршија во времето на патријархот Акакиј (472–488). Патријархот Јо-ван Ⅱ Кападокиски (518–520) се прогласил за „вселенски“ или „екуменски“. Цариградските патријарси се дистанцирале од римските папи, ги привлекувале поглаварите на источните помесни цркви: Ерусалимската, Антиохиската, Александриската, Трновската, Пеќската патријаршија, Кипарската и Охридската архиепископија. Во текот на 1054 г. дошло до расцеп во христијанската црква, на западна католичка, со седиште во Рим (Ватикан), на чело со папа, и источноправославна, со седиште во Цариград (Фанар), на че-ло со вселенски патријарх. По паѓањето на Цариград под власта на османлиската држава (1453), со посебен султански ферман биле признати привилегиите на вселенскиот патријарх да ги претставува православните пред Високата порта. Вселенската патријаршијата неканонски ги укинала прво Пеќската патријаршија (1766), а потоа и Охридската архиепископија (1767) и ги присвоила нивните епархии. Денес Цариградската патријаршија има 30 епархии во различни делови на светот и примат во православието. ЛИТ.: А. Трајановски, Феудалното уредување и управување на источноправославните цркви под турско владеење до почетокот на ⅩⅠⅩ век, „Прилози“, 39, ДНУ-Битола, 1983; Т. Коев и Д. Киров, Кратка богословска Енциклопедия, София, 2000. Ал. Тр. Никодим Царкњас