ХРИСТОВ, Пол

ХРИСТОВ, Пол (Порталиев) (Флорак, Франција, 1864–1934) – унијатски архиереј во Бугарија и дипломат (од француско потекло). Студирал книжевност (1881), а потоа стапил во католички монашки ред, земајќи го презимето Христов. По престојот во Цариград и Бурса, бил директор на Малиот ориентален семинар во Пловдив (од 1888). Подоцна преминал во унијатство (1896) и бил унијатски викар за Тракија, унијатски архимандрит (1918) и главен викар (папски намесник) на унијатите во Бугарија. Како приврзаник на идеите за независна Македонија, бил ополномоштен од Привременото претставништво на бившата обединета ВМРО (25. Ⅺ 1918) да ги застапува македонските интереси пред Париската мировна конференција за автономна и самостојна Македонија. ЛИТ.: Д-р Блаже Ристовски, Процеси од македонската литературна и национална историја, Ⅲ, „Култура“, Скопје, 1990; истиот, Македонија и македонската нација, Скопје, 1995. С. Мл. Стојан Христов