ХРИСОХО, Димитар Томов

ХРИСОХО, Димитар Томов (Битола, 11. Ⅵ 1924 – Скопје, 22. Ⅸ 1986) – спец. интернист-нефДимитар Хрисохо ролог, редовен проф. на Мед. ф. во Скопје, втемелувач на македонската нефрологија. Мед. ф. завршил во Белград (1951), а специјализација по интерна медицина во 1955 г. Хабилитирал од областа на ревматологијата (хроничен еволутивен полиартритис, во 1957). Ја формирал Клиниката за нефрологија (1975) и бил нејзин прв и долгогодишен директор. Во 1970 г. го формирал Здружението на нефролозите при МЛД и бил прв претседател, а ја формирал и Секцијата за биокибернетика. Бил продекан на Мед. ф. и проректор на Унив. „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Се вградил во создавањето нефролошки кадри во Македонија. Поглавјето за „Иследување на бубрезите“ во „Основите на интерната пропедевтика“ од А. Ј. Игњатовски, (Скопје, 1963) е прв текст за иследувањето и заболувањата на бубрезите кај нас. Во 1984 г. ја отпечатил книгата „Клиничка нефрологија“, издание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Се занимавал со изучувањето на интерстициопатиите, балканската нефропатија (докторска дисертација: „Клинички карактеристики на Витинската нефропатија“, 1965), бубрежната хипертензија, бубрежната инсуфициенција; со кибернетиката и компјутерската обработка на проблемите од клиничката медицина и нефрологијата, кои се пионерски потфати во нашата земја. Учествувал во создавањето на програмите за трансплантација на бубрезите и за лекување на АБИ и ХБИ. Своето големо клиничко искуство го презентирал во над 200 соопштенија и печатени трудови во земјава и во странство. М. Пол.