ХЕРООН

ХЕРООН – монументален вид надгробни објекти од римско време во Македонија, регистрирани на повеќе локалитети. Објектите биле оформувани во вид на рим-ски храм на висок подиум, со приодни скалила, вестибил и цела и со подземен хипогеум. На Грамаѓе, кај Барово, е откриена типолошки разновидна камена архитектонска пластика. Ист е и случајот со хероонот кај селската црква во Тремник, Неготинско, и со објектот на локалитетот Селиште кај Вешје. Кај Пирава и Марвинци (Валандовско) се откриени единствено двата масивни покривни фронтони, додека на локалитетот Сулинар кај селото Чашка (Велешко) е откриена речиси комплетно зачувана супструкција на подиумот и на хипогеумот, со три гробници под аркосолии.
ЛИТ.: В. Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, И, Скопје, 2001, 223, 227, 313, 319–338, 351, 463, 493–494. В. Л.