ХЕМИСКА ПРЕРАБОТКА НА ДРВОТО

ХЕМИСКА ПРЕРАБОТКА НА ДРВОТО – дејност што ги проучува и решава проблемите во врска со индустриската преработка на дрвото по хемиски пат, со задача да ги усовршува постојните и да пронаоѓа нови хемиски методи за што поуспешно, потполно и рационално користење на дрвната суровина. Таа опфаќа повеќе значајни технологии за преработка на дрвото, како што се: преработка на дрвото под дејство на термичка разградба (сува дестилација на дрвото, производство на гас за осветлување, генераторски гас и саѓи); преработка на дрвото под дејство на хемикалии и микроорганизми (дрвена целулоза, хартија, вештачка свила, хидролизиран шеќер, алкохол, белковинска храна и др.); преработка на дрвото со издвојување на некои негови состојки со физички методи (растителни штавни материи, етерични масла, смола, растителни лепила и др.); технологии за дрвно-пластични маси и преработка на дрвото со внесување на хемиски состојки за негово конзервирање. Б. Ил.