ФОНД ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ДЕПОЗИТИ

ФОНД ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ДЕПОЗИТИ – институционален механизам за заштита на депозитите на населението. Формиран е во јануари 1997 г. под името Фонд за осигурување на штедните влогови. На почетокот, Фондот има статус на акционерско друштво во сопственост на сите 17 банки и 15 штедилници. Во јуни 2000 г., тој се трансформира во Фонд за осигурување на депозити, како правно лице во државна сопственост. Во октомври 2004 г., станува член на Европскиот форум на осигурители на депозити. На крајот на 2006 г., Фондот има 30 членки (18 банки и 12 штедилници). Органи на управување и раководење се Управниот одбор и директорот, кои ги именува Владата. Сите банки и штедилници задолжително членуваат во Фондот за осигурување на депозити и плаќаат премии во висина од 0,7% го-дишно на вкупните депозити на населението, вложени кај нив. Во јуни 2006 г. осигурителниот фонд изнесува 3,4% од вкупните депозити на граѓаните во РМ. Во Фондот се осигурени следниве видови депозити: тековни сметки и денарски и девизни депозити на населението, депозити врзани за парични картички издадени од македонски банки и девизни приливи на населението. Фондот не гарантира за следниве видови депозити: депозити на лица што имаат привилегирани каматни услови, депозити на лица што поседуваат над 5% од акциите со право на глас во банката или штедилницата, депозити на членови на органите на управување на банката или штедилницата и на нивните роднини од прв степен. Во случај на пропаст на банка или штедилница, Фондот ги обештетува физичките лица во висина од 100% од депозитот на секое лице на износ до 10.000 евра и 90% на износите меѓу 10.000 и 20.000 евра (во денарска противвредност). Според тоа, максималниот износ на обештетувањето што може да го добие еден депонент изнесува 19.000 евра во денарска противвредност. За износите над 20.000 евра, Фондот не ги обештетува депонентите. До крајот на септември 2006 г., е извршено обештетување на депонентите во шест случаи на пропаст на банки и штедилници во висина од вкупно 174 милиони денари. ЛИТ.: Љупчо Трпески, Пари и банкарство, Ецономѕ Пресс, Скопје, 2003, 556–560; Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006. Г. П. Едвард Форманек