ФИСКАЛНА ПОЛИТИКА

ФИСКАЛНА ПОЛИТИКА – употреба на јавните приходи и расходи за дејствување врз макроекономските агрегати, односно врз вкупната економска активност. На краток рок фискалната експанзија дејствува врз порастот на бруто домашниот производ и на вработеноста. Долгорочните ефекти на фискалната експанзија се ограничени, бидејќи предизвикуваат инфлаторен притисок, пораст на каматните стапки и опаѓање на инвестициите и производството. Во време на рецесии (опаѓање на економската активност) владите ја користат т.н. дискрециона фискална политика за заживување на економската активност, преку намалување на даночните стапки и зголемување на јавната потрошувачка, или преку комбинација на двете мерки. Обратно се постапува во време на експанзија (инфлаторен притисок во економијата). Фискалната политика може да дејствува и преку т.н. автоматски стабилизатори (владите не преземаат никакви мерки, а даночните зафаќања и јавната потрошувачка автоматски се приспособуваат на состојбата на економијата – експанзија или рецесии). Фискалната политика во СФРЈ и во СРМ се карактеризираше со неконзистентност и неефикасност што произлегуваше од нестандардните и механички поврзани даночни приходи на федерацијата, републиките, автономните покраини, општините и самоуправните интересни заедници кои, истовремено, се јавуваа и како центри на финансиско одлучување и трошење на јавните приходи. Во раните транзициони години фискалната политика беше експанзивна (буџетските дефицити изнесуваа –9,8%, 1992 г., и –13,4%, 1993 г.) и креираше инфлаторен притисок во економијата. Во текот на 1994 г. буџетските дефицити (централниот буџет и вонбуџетските фондови) паднаа на –2,7% и останаа вонредно ниски до денешни дни (исклучок прават конфликтната 2001 г. и постконфликтната 2002 г.). Тие останаа ниски, и покрај значајните обврски на буџетот врзани за сервисирањето на надворешниот долг и особено на внатрешниот долг (санација на банките, реструктурирање на претпријатијата, обврски кон старото девизно штедење и од денационализацијата). Од овој аспект, фискалната политика даде значаен придонес во одржувањето на ценовната стабилност, на стабилноста на девизниот курс и воопшто на фискалната одржливост. Иако, генерално, фискалната политика во Македонија по 1992 г. може да се означи како прудентна, таа е соочена и со одредени слабости: (1) неповолна структура на буџетските трошоци (в. транзиција на македонската економија) и (2) нагласена рестриктивност во одделни години, а заедно со монетарните контракции, тие придонесоа за појавата на епизодите на дефлација во македонската економија (1999 и 2004 г.) и беа една од причините за ниските стапки на економскиот раст. ИЗВ.: ЕБРД, Транситион репорт за соодветните години. ЛИТ.: М. Паркин, М. Поњелл, К. Маттхењс, Ецономицс, Фифтх Едитион, Пеарсон Едуцатион, Лондон, 2003; К. Богоев, Ж. Атанасовски, Даночниот систем на Македонија, Скопје, 1994. Т. Ф.