ФИНАЛНА ОБРАБОТКА НА ДРВОТО

ФИНАЛНА ОБРАБОТКА НА ДРВОТО – дејност што се темели на физичките промени на дрвото низ технологиите на финалното производство. Во финалната обработка на дрвото се застапени главно механичките процеси, потоа хидротермичките процеси и во многу мала мера физичко-хемиските процеси во дрвната индустрија. Поради доминантноста на механичките процеси, финалната обработка на дрвото најчесто се нарекува финална механичка обработка на дрвото. Во финалната обработка на дрвото се користат разновидни суровини, полупроизводи и други полуфабрикати за производство на финални производи, наменети за опремување на разни простори за живеење, работа и одмор на човекот. Финалната механичка обработка на дрвото ги обработува следните проблеми во финализацијата на дрвото: толеранции и налегнувања, точност на обработката, изработка на детали (од бичена граѓа, од плочи, со фурнирање и со брусење), составување елементи во потсостави и во состави (составување на елементи во рамки, во плочести елементи, лепење со високофреквентна електрична енергија, составување со метални врски), завршна обработка, завршна монтажа (монтажна шема, монтажна линија, пресметка на елементи за проектирање на монтажна линија, складирање во монтажно одделение и работни процеси во монтажата). Б. Ил.