ФИЛОЗОФИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА

ФИЛОЗОФИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА – форма на човековото духовно творештво што во себе опфаќа поглед на светот и стремеж да се сознае и да се објасни севкупната стварност; наставнонаучна дисциплина. Почетоците на филозофијата на почвата на Македонија се поврзани со појавата на словенската писменост. Творците на првото словенско писмо се и автори на првите филозофски текстови. Св. Кирил (Константин) Филозоф (в.) ја дал и првата дефиниција на филозофијата на словенски јазик: Филозофијата е разбирање на божјите и на човечките нешта, за човек да може да му се доближи на Бога и го учи човекот со делата да биде слика и лика на тој што го создал. Кирилометодиевската филозофска и теолошка традиција ја востановија голем број нивни ученици. Св. Климент Охридски (в.) во своите Беседи ги застапува етичките ставови за добродетелта како дејност со која човекот се стреми да му се доближи на Бога. Константин Брегалнички (в.) во „Поучното евангелие“ ги изложува и своите етички погледи: целта на животот е морален живот исполнет со добри дела, а средства на моралното усовршување се верата, благодарноста и љубовта кон Бога. Го превел на словенски едно од најважните дела од христијанската теологија „Четирите беседи против аријанците“ од Атанасиј Александриски, со што даде голем придонес во создавањето на словенската филозофска терминологија и воопшто во развитокот на теоретската дејност на словенски јазик. Црноризец Храбар (в.) во прочуениот спис „За буквите“ изложува една своевидна филозофија на културата, заложувајќи се за правото на словенскиот јазик на своја азбука. Георги Старделов: „Сумма Аестхетицае“, (1991) Во првата половина на Ⅹ в. се појави (в.) богомилството, социјално движење против сите фор-ми на насилство и експлоатација, кое во своите филозозофско-теолошки основи (космогонија, есхатологија) застапуваше дуализам. Во етиката, богомилите пропагираа апсолутен аскетизам и живеење во еден вид примитивни комунистички заедници. Во првата половина на ⅩⅣ в. дејствува најзначајниот автор од тоа време – Григориј Акиндин, по потекло од Македонија, кој, заедно со Варлаам, истапи против мистичкото учење на Григориј Палама, познато како (в.) исихазам. Во своето дело „За суштината и активноста“ Акиндин (инспириран од Тома Аквински) застапува аристотелијански рационалистички погледи, дека единствен пат за сознавањето на вистината, преку која и може да се спознае Бог, е знаењето, односно идеите, кои се единствена светлина на познанието, се човечки и не постојат пред стварите во Бога, туку во стварите од каде ги извлекува човечкиот ум. Подем на филозофската мисла во Македонија се остварува во ⅩⅠⅩ в. Главната определба на мислителите од овој период (Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Јордан Хаџиконстантинов–Џинот, браќата Димитрија и Константин Миладиновци, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Кузман шапкарев и др.) е борбата за национална и културна самобитност, за слобода и просветеност. Голем број просветителски дејци, поради специфичните социјални околности во Македонија, престојуваа и дејствуваа во соседните земји. Меѓу најпознатите е и Иван Ѓоргов (1862–1936), првин асистент на В. Вунт, а потоа професор и повеќекратен ректор на Софискиот универзитет, автор на повеќе од 300 трудови од сите филозофски дисциплини. Меѓу двете светски војни филозофската мисла во Македонија доби нов импулс со отворањето на Филозофскиот факултет во Скопје (1920), каде што филозофијата се изучува како наставна дисциплина. Освен институционалните форми на работа (на српско-хрватски јазик), Факултетот организира предавања, семинари и за пошироката јавност. На семинарите што ги организираше професорот (в.) Душан Недељковиќ учествуваа голем број млади марксисти и комунисти, кои немаа статус на студенти, меѓу кои и (в.) Кочо Рацин. Своите марксистички филозофски сфаќања Рацин ги изложи во низа текстови: „Г. В. Ф. Хегел“, објавен во сп. „Литература“ (Загреб, 1931), „Значењето на Хегеловата филозофија“ (Млада култура, Бел-град, 1939) „Уметноста и работничката класа“ и др. Во овој период филозофската мисла ја развиваа и повеќе други дејци, меѓу кои Ефтим Робев (застапуваше бергсоновски идеи) кој во Париз (1925) ги објави книгите „За рефлексивната анализа“ и „Лајбниц и Мен де Биран“ и (в.) Димитар Ѓузелев („шопенхауеровата прагматистичка критика на умот“, Загреб, 1935). Филозофијата доживува интензивен и систематски развој по ослободувањето на Македонија и основањето на Катедрата за филозофија, подоцна (в.) Институт за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје (1946). Во почетокот на Катедрата беа ангажирани професори од другите југословенски универзитетски центри: (в.) Живорад Радовиќ, Богдан шешиќ, Загорка Миќиќ, Павао Вук-Павловиќ и Абдулах шарчевиќ, кои во Скопје објавија повеќе значајни филозофски дела. Подоцна, со оформувањето на сопствен наставно-научен кадар, филозофијата, во сите нејзини дисциплини (историја на филозофијата, логика, онтологија, гносеологија, етика, естетика, филозофска антропологија, филозофија на политиката и др.) ја развиваат (в.) Јонче Јосифовски (автор на првиот учебник по филозофија на македонски јазик), Митко Илиевски, Георги Старделов, Кирил Темков, Ферид Му-хиќ, Виолета Панзова, Коле Јовановски, Мирко Ѓошевски, Љубомир Цуцуловски, Вера Георгиева-Петковска, Бранислав Саркањац, Иван Џепароски, Олга Заревска, Иванчо Атанасовски, Ана Димишковска-Трајаноска и др. Попознати филозофски автори во Македонија се и Драган Ташковски, Димитар Димитров, Боро Китановски, Јаким Синадиновски, Сејфедин Сулејмани, Стојан Јордановски, Јордан Радевски, Павле Бидев и др. Објавени се голем број книги и статии во домашни и во странски публикации, спроведени се значајни истражувања, одбранети се многу магистерски и докторски дисертации од сите подрачја на филозофијата. ЛИТ.: К. Темков, Минатото и сегашнината на филозофијата во Македонија, Филозофска трибина, Скопје, 9–10, 1985, 7–14; Филозофски факултет во Скопје: 1920–1946–2006, Скопје, 2006. В. Панз.