ФИЗИОЛОШКИ ГРУПИ БАКТЕРИИ

ФИЗИОЛОШКИ ГРУПИ БАКТЕРИИ – бактерии што живеат во почвата и во водата и учествуваат во кружењето на биогените елементи во природата. Физиолошките групи бактерии претставуваат група бактерии, чија заедничка особина е да покажуваат одредена физиолошка активност – без оглед на нивната системска припадност. Се работи за бактерии што поседуваат екстрацелуларни ензими за разградување на одреден супстрат. Присуството на одделни физиолошки групи бактерии во одредени средини покажува оптовареност на средината (водата, почвата) со специфични нутриенити, како и можност за нивно разградување, односно укажува на природата на микробиолошките процеси што се одвиваат во тие средини. Овие групи микроорганизми се проучувани во водата и во седиментот на реките во РМ. Џ. К.