ФИДАНОВА, Славка

ФИДАНОВА, Славка (Тетово, 1. Ⅱ 1920) – првоборец, историчар, унив. професор. Била припадничка на прогресивното младинско и студентско движење, организатор и учесник на Летната студентска колонија во Охрид (1939/40), член на КПЈ (1940), учесник на Покраинската конференција на КПЈ во Македонија (8. Ⅸ 1940) и секретар на МК на КПЈ за Тетово (1941). Поради полициски прогон, преминала во Скопје (јуни 1941), а подоцна пак се вратила на партиска работа во Тетово (декември 1942). По Ослободувањето била професор на Катедрата по историја на Филозофскиот факултет и проректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Објавила повеќе трудови за поновата историја на Македонија. Носител е на Партизанска споменица 1941. ЛИТ.: ДАРМ – Скопје, ракописна биографија, ф. „Биографии“. Вл. Ив.