УЧЕНИЧКИ ДОМОВИ

УЧЕНИЧКИ ДОМОВИ – воспитно-образовни установи што обезбедуваат сместување, исхрана, воспитна работа и учење, културен, забавен, спортски и рекреативен живот на ученици што се школуваат во основни и средни училишта, надвор од местото на постојано живеење (Закон за ученичкиот стандард, 2005). Ученичките домови се основаат со задача да придонесуваат за што поцелосен опфат на децата и младите во основното и во средното образование и да се обезбеди што порационална мрежа на основните и на средните училишта. Се организираат како јавен ученички дом (општински, на Град Скопје и државен) и приватен дом. Во Македонија постојат 22 јавни ученички дома во средното образование (15 организирани како самостојни установи и 7 во состав на училишта) и 10 во основното образование (сите во состав на основни училишта). Освен овие, постојат и 10 дома наменети за ученици со посебни потреби. Дејноста и воспитно-образовната работа во ученичките домови се извршува според програма, која на предлог на (в.) Бирото за образование ја донесува ресорниот министер. Ученичките домови се познати и под името интернати. Првите форми на домско згрижување и воспитание во Македонија, ако се занемарат (в.) манастирските ќелијни училишта, се јавуваат во втората половина на ⅩⅠⅩ в., под името пансиони. За прва ваква установа се смета пансионот (интернатот) формиран при Солунската машка гимназија, а потоа и при женската гимназија. Вакви институции, нешто подоцна, биле формирани и во Скопје и во Битола. Интернатите најчесто биле придружни установи на учителските школи. ЛИТ.: К. Камберски, Од буквар до универзитет, Скопје, 1994. К. Камб.