УСТАВОТВОРНО СОБРАНИЕ НА ДФЈ

УСТАВОТВОРНО СОБРАНИЕ НА ДФЈ – претставничко тело избрано со цел да го донесе Уставот на ФНРЈ од 1946 г. Непосредните избори за Уставотворното собрание на ДФЈ се одржани на 11. Ⅺ 1945 г. во услови на изразен револуционерен оптимизам. На тие избори 96% од избирачкото тело (8.383.455) гласаше за листата на Народниот фронт, чиј носител беше Ј. Б. Тито. Беа избрани два дома на Уставотворното собрание: Сојузно собрание и Собрание на народите. За Сојузното собрание беа избрани 349, а за Собранието на народите 175 пратеници, и тоа по 25 пратеници од секоја федерална единка, од Војводина 15 и од Косово и Метохија 10 пратеници. Точно на двегодишнината од Второто заседание на АВНОЈ, на 29. Ⅺ 1945 г., на својата прва седница Уставотворното собрание, како свој прв акт, ја донесе Декларацијата за прогласувањето на ФНРЈ, со што и формално се укина монархијата. Веднаш потоа Уставотворното собрание ја отвори постапката за донесување нов устав. По двомесечна дебата, на 31. И 1946 г., по предлог од Министерството за конституанта, ова собрание го прогласи Уставот на ФНРЈ, како прв устав на втората Југославија. Пред прогласувањето, Уставот на ФНРЈ беше прочитан на службените јазици на ФНРЈ – на секој јазик по определен број членови. Членовите за: Народните судови, Јавното обвинителство, односите меѓу државните органи, Југословенската армија и завршните одредби беа прочитани на македонски јазик од Владо Мале-ски, пратеник во Собранието на народите на Уставотворното собрание на ДФЈ. ЛИТ.: Светомир шкариќ, Уставно право на СФРЈ, Прва книга, Скопје, 1986. Св. ш.