УРЛИХ, Антон

УРЛИХ, Антон (Загреб, 24. Ⅸ 1902 – Загреб, 27. Ⅲ 1998) – архитект, вонреден професор на Техничкиот факултет во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот оддел при Уметничката академија во Виена (1927). Од 1949 до 1953 г. живее и работи во Скопје. Го предава предметот Проектирање станбени и општествени згради. Се занимава со архитектонско проектирање и учествувал на повеќе анонимни архитектонски конкурси. Во периодот на неговата професионална дејност во Македонија реализирал повеќе објекти: Работничкото одморалиште во Отешево (1948); студентскиот комплекс „Стив Наумов“ во Скопје (1949); пекарници во Скопје (1951); бањата во Битола (1952). По заминувањето од Македонија во Загреб водел проектантско биро. Реализирал повеќе од 50 објекти. Кр. Т. Уров