УРЕДУВАЊЕ НА ШУМИТЕ

УРЕДУВАЊЕ НА ШУМИТЕ – трајно водење и планирање на стопанисувањето со шумите; во поширока смисла, приспособување (организирање) на шумското производство за потребите на општеството. Со текот на времето се менувале потребите на општеството, а со тоа се менувале и методите за уредување на шумите, соодветно на намените за кои се користеле (лов, производство на огревно и градежно дрво и за индустриска и хемиска преработка, заштита и регулирање на водите и водотеците, спречување на ерозијата, како и санитарно, естетското и рекреативно дејство на шумите). Модерното уредување на шумите настојува да ги исползува многукратните општокорисни функции на шумите, истовремено усогласувајќи ги на физичкиот, економскиот и социјалниот критериум („Мултипле усе, мултипле бенефитс“, Сеатле, УСА, 1960). Стручното уредување на шумите во Средна Европа започнало уште во доцниот среден век, а денес е усовршено и проширено низ целиот свет. Имајќи го предвид значењето на шумите, нашата земја го има регулирано нивното уредување со закон во кој изработката на Општиот и на посебните планови за стопанисување со шумите е задолжителна обврска за субјектите што стопанисуваат со нив. Ал. Анд. Антон Урлих