УРДИН, Кочо

УРДИН, Кочо (Струмица, 4. Ⅶ 1930 – Скопје, 27. Ⅵ 2008) – општественик и културен деец, раскажувач, романсиер, драмски писател и публицист. Првин студирал книжевност во Белград и во Скопје, а потоа дипломирал на Високата школа за политички науки во Белград. Бил директор на Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица и основач на Работничкиот универзитет, на Ликовната галерија, на Интернационалната ликовна колонија и на Музејот на Струмица. Бил член на ДПМ (од 1962). Подоцна преминал на работа во Извршниот совет на СРМ во Скопје. БИБ.: Струмица се бори, Скопје, 1954 (хроника); Смеа низ сокаците, Скопје, 1960 (хумористични раскази); Љубов зад решетки, Скопје, 1961 (хроника); Смелата дружина, Скопје, 1971 (роман за деца); Благој Мучето, Скопје, 1975 (монографија); Афоризми, Скопје, 1975; И кога мислиш, размислувај, Скопје, 2000 (афоризми); Драми (Во виорот на страста, Мистериозна ламја, Диви и Дамка), Скопје, 2000. С. Мл. Ѓорги Урдов