ТРЕТ АРХИЕПИСКОПСКИ ЦРКОВНО-НАРОДЕН СОБОР

ТРЕТ АРХИЕПИСКОПСКИ ЦРКОВНО-НАРОДЕН СОБОР (Охрид, 17–18. Ⅶ 1967) – одржан во црквата „Св. Богородица Перивлепта“(„Св. Климент“). Соборот едногласно усвоил посебна Резолуција (17. Ⅶ) со која од името на сето свештенство и на православниот македонски народ Синодот да ја прогласи Македонската православна црква за автокефална. Утредента (18. Ⅶ 1967) била донесена Одлука за прогласување на автокефалноста на Македонската православна црква, со архиепископско достоинство, со сопствен Поглавар, Синод, Устав и целосно самостојно уредување. Тогаш биле формирани уште две епархии: Дебарско-кичевска и Американско-канадско-австралиска. Синодот го сочинувале архиепископот Доситеј и епископите Климент, Наум, Методиј и Кирил. Тие ја потпишале Одлуката за автокефалноста на Македонската православна црква. ЛИТ.: Славко Димевски, Историја на Македонската православна црква, Скопје, 1989; Доне Илиевски, Автокефалноста на Македонската православна црква, Скопје, 1972; Ратомир Грозданоски, Михаил Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје, 1994. Рат. Гр.