ТРГОВИЈА

ТРГОВИЈА – еден од најзначајните услужни сектори, чиј развој е најдиректно условен од општиот развој на економијата и од развојот на апсорпционата моќ на пазарите (бројот на населението и големината на доходот), како и на транспортот и комуникациите. Трговијата во Македонија беше на добар глас во средниот век, па с“ до ⅩⅤⅠⅠ век. Меѓу двете војни таа беше третиот по значење стопански сектор. По Втората светска војна, развојот на трговијата го следеше општиот економски развој на земјата. Сепак, трговијата најбрзо се развиваше во периодот 1953–1979, за во осумдесеттите години да манифестира негативни стапки на движење. Во трговијата на големо, 1955 г., работеа 3.061 лице, а 1984 г. 11.256 лица. Во истиот период прометот на трговијата на големо пораснал од 338 на
252.598 милиони динари (според тековните цени). Трговијата на мало, исто така, бележи силен пораст – прометот помеѓу 1952 и 1984 пораснал за 9 пати (по цени од 1980 г.). Во Македонија, 1983 г., постоеле 7.780 класични продавници, 184 стоковни куќи и 565 самопослуги. Во структурата на прометот во 1984 г. најголемо учество имаа прехранбените производи, текстилот и течните горива. По осамостојувањето на земјата дојде до пропаѓање на еден дел од големите трговски претпријатија, кои постоеја речиси во сите општини (меѓу другото, и под дејство на нелојалната конкуренција од сивата економија), до нивна поделба на помали единици и нивна брза приватизација. Со отворањето на процесот на спонтано претприемништво, до 1993 г. во Македонија се формираа повеќе од 58.000 мали и средни претпријатија (МСП), од кои дури 67% беа во секторот на трговијата. Подоцна учеството на трговските претпријатија во вкупниот број на претпријатија релативно намали – на 54%, 1999 г., и 49%, 2004 г. На крајот од 2004 г. во земјата, во секторот на големопродажбата и малопродажбата, постоеја 24.486 мали, 112 средни и 8 големи претпријатија. Во поново време дојде до модернизација на трговијата во Македонија, се изградија модерни трговски центри, особено во Скопје, но и во другите поголеми градови, модерни продавници и самопослуги (вклучувајќи ги и оние со странски капитал – Веро, Рамстор), а се јавија и првите иновативни форми на продажба (директна телевизиска продажба и сл.). Во светски размери, со развојот на информационо-комуникационите технологии и посебно на интернетот, расте улогата на т.н. Е
трговија. Таа во Македонија засега е во својот зародиш. Од друга страна, брзиот развој на интернеткорисниците во земјата (стапката на пораст на интернет-корисници во периодот 2000–2007 г. во Македонија изнесува 1,209%), упатува на констатацијата дека во иднина и македонските фирми с“ повеќе ќе го користат овој облик на тргување во внатрешната и во надворешната размена на добра и услуги. Во секторската дистрибуција на вработеноста за 2002 г., трговијата учествуваше со близу 14%, а веќе 2005 г. со околу 13% во формирањето на БДП на земјата.
ИЗВ.: Републички завод за статистика,
Развојот на СР Македонија 1945–1984, Скопје, 1986, 87-89; Министерство за финансии на Република Македонија, Билтени бр. 9-10/2004 и септ./окт, 2006; //хттп/њњњ.интернетњорлдтатс.цом/статс.хтм//.
ЛИТ.: Н. Узунов, Стопанството на Република Македонија 1945–1990, МАНУ, Скопје 2001; Национална стратегија за економскиот развој на Република Македонија, МАНУ, Скопје 1997. Т. Ф.

Напишете коментар