ТРАЈКОВ, Никола

ТРАЈКОВ, Никола (с. Вранештица, Кичевско, 26. Ⅴ 1888 – Софија, 12. Ⅵ 1963) – филолог, историчар, дипломат. Се школувал во Битола и Софија. На Софискиот универзитет завршил словенска филологија. Работел како учител, новинар, дипломат и унив. професор (по новогрчки јазик). Учествувал во македонското национално-ослободително движење. Во текот на Балканските војни бил доброволец во Македонско-одринското ополчение. Го проучувал делото на македонските преродбеници – Браќата Миладиновци, Григор Прличев, Браќата Робевци, К. Мишајков. Поважен труд му е: „Браќа Миладиновци -П р е п и с к а“ (Софија 1964), издание на БАН, во кој објавува писма од Димитрија и Константин Миладиновци, како и документи за македонската преродба (Робевци, шапкарев, Партенија Зографски, Митра Миладинова, Киријак Држиловец и др.), како и поголем број непознати дипломатски документи околу смртта на Миладиновци. Голем интерес пројавил кон делото на Крсте Мисирков. Им помагаше штедро на младите македонски научници во ориентацијата по бугарските архивски институции. Г. Т.