ТРАЈАНОВ, Борис Гогов

ТРАЈАНОВ, Борис Гогов (Љубљана, Словенија, 4. Ⅺ 1959) – оперски певец, баритон. Студира пеење со татко му Гога Трајанов во Скопје, со Бисерка Цвеиќ во Бел-град и со Пиер Миранда Фераро во Милано. Соло пеење дипломира на ФМУ во Скопје кај Б. Николовски (1985), а магистрира на Музичката академија во Белград во класата на Б. Цвеиќ (1989). Истовремено дипломира и на Математичкиот факултет во Нови Сад (1986). Дебитира на оперската сцена на МНТ во Скопје (со улогата на грофот Хомонај во операта Цигански барон). Работи во Операта на МНТ (1985–1988), кога ја започнува интернациоалната кариера во ок. сто оперски куќи во светот (Рим, Болоња, Фиренца, Палермо, Монте Карло, Берлин, Хамбург, Франкфурт, Виена, Грац, Осло, Сао Паоло, Кејптаун, Москва, Паруз, Њујорк и Венеција) со над 750 настапи во ок. 50 главни баритонски улоги (со најголем успех како Скарпија во орерата Тоска). Настапувал на повеќе телевизиски и радио станици и има снимено со Катлин Касело двојно ЦД со оперски арии и дуети (1995), а на ДВД – креацијата на Скарпија во Театро Реџо Парма во Италија (2003). Добитник на амбасадорската титула Уметник на мирот на УНЕСКО (2005). Ф. М. – Р. Гога Трајанов