ТОШЕВСКИ, Стојче

ТОШЕВСКИ, Стојче (с. Раинци, Егејскиот дел на Македонија, 28. Ⅱ 1944) – композитор. Еден од истакнатите претставници на генерацијата композитори што на македонската музичка сцена стапија во почетокот на седумдесеттите години од ⅩⅩ век. Студиите по композиција кај Вл. Николовски во Скопје, М. Живковиќ и Е. Јосиф во Белград му овозможија да развие плодна творечка дејност. Неговиот опус привлекува повеќе внимание со својот карактер, отколку со обемот на остварувањата. Во творештвото на Т. се издвојуваат две фази: почетната се одвива во седумдесеттите („Мадригали“, 1973), а втората започнува во деведесеттите години, кога е прекината повеќегодишната творечка осека. Извршувал одговорни функции во Радио Скопје. Главната нишка што го поврзува целото негово творештво е извирањето од македонската фолклорна и духовна почва на музички план. Б. Орт.