ТОКАРЕВ, Андреј

ТОКАРЕВ, Андреј (Берово, 12. Ⅳ 1935) – архитект и урбанист, редовен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје (1959). Освен со наставно-научната дејност, се занимава и со урбанистичко и архитектонско проектирање. Позначајни трудови во областа на урбанизмот: Основни урбанистички планови за Струмица, Гевгелија, Делчево (1965), Програма за интегрален развој на Вардарската Долина (1993). Архитектонски реализации: Комерцијална банка во Струмица (1961); Градско собрание во Неготино (1965); хотелот „Дрим“ во Струга (1972, со тим); деловниот објект „Кометал“ во Скопје (1998); православен соборен храм во Делчево (1999). Се занимава и со публицистика. Кр. Т.