ТОДОРОВА, Софија

ТОДОРОВА, Софија (Скопје,11. ⅩⅠⅠ 1947) – универзитетски професор, економист. Основно и средно образование завршила во родниот град (1966). Дипломирала на Економскиот факултет во Скопје (1970), а магистрирала на Економскиот факултет во Белград (1977). Докторирала на Правниот факултет во Скопје, на тема „Здружените работници и стекнувањето на доходот“ (1987). Избрана за асистент на Економскиот институт во Скопје (1970–1976) и за асистент по предметите стопански систем и економска политика на Правниот факултет во Скопје (1976–1982). По докторирањето станала вонреден (1988) и редовен професор на Правниот факултет во Скопје по предметот применета економија (1993). Избрана за член на Претседателството на ССМ (1985–1989), член на Претседателството на СКМ– ПДП (1989–1991), член на Централниот одбор на СДСМ (1991–1999), министер за развој (1992–1994), министер за наука (1994–1996) и министер за образование и физичка култура во Владата на Република Македонија(1996–1998). Била амбасадор на Република Македонијаво Кралството шведска (1998–2000). Објавила осумдесетина научни труда од областите на стопанскиот систем и применетата економија. БИБ.: Детерминантите во реструктурирањето на македонското стопанство, Скопје, 1991. ЛИТ.: Правен факултет – Педесет години 1951 – 2001, Скопје, 2001. Св. ш.