ТИРАНСКИ ЗАТВОР

ТИРАНСКИ ЗАТВОР (1941–1944) – еден од најголемите затвори во Албанија наменет за политички затвореници и за Македонци. Во старата и во новата затворска зграда постојано биле доведувани припадници на оруженото востание од Западниот дел на Македонија и од други места што се наоѓале под италијанска, а подоцна и под германска окупација. Во него биле обесени повеќе борци од Македонија: Илија Антевски-Смок, Христо Оџаклиевски, Драге Тодоровски, Раде Угриновски, Трифко Ангеловски, Душко Поповиќ и др. Тие што биле ослободени од затворот по капитулацијата на Италија (септември 1943), се приклучиле во НОБ на Македонија. ИЗВ.: Јаким Синадиновски, 1943 во Тиранскиот политички затвор, Скопје, 1973. ЛИТ.: Дејан Алексиќ, Душко ПоповиќЃоко, Скопје, 1985. Ѓ. Малк.