ТЕШКОТО ГАЛИЧКО

„ТЕШКОТО ГАЛИЧКО“ – македонско машко народно оро од с. Галичник, Дебарско. Тоа е бисер на македонската орска традиција. Има дводелна форма, која се темели врз две различни метроритмички структури. Првиот дел е во слободен (рубато) ритам, кој овозможува исклучително бавни движења со нозете и со другите делови на телото. Секое движење, колку и да е мало, се изведува со длабоко чувство и одмереност, коешто инаку е својствено само за ретко надарените играорци. Вториот дел претставува контраст, со релативно брзо темпо на 7/8-от ритам (3,2,2). Како во ниедно македонско оро, танчарот се отпушта и Галичкото оро „Тешкото“ со три редоследни вртења се фаќа за опашкарот. При последното вртење му ја додава шамијата на играчот што претходно играл до него. Значи, од позиција на танчар, станува опашкар, но за кратко време, бидејќи по него истото го прави секој од следните играорци. Кон неговата кореографска убавина е сообразена и виртуозната придружба на зурлаџиската тајфа, особено онаа на тапанџијата, кој мора да биде мајстор над мајсторите. Тоа особено се однесува за првиот дел, кога при слободните движења, секој удар на тапанџијата мора до нијанса да биде усогласен со движењата на танчарот. ЛИТ.: Елзи Иванчиќ Дунин – Станимир Вишински, Ората во Македонија, Скопје 1995, 263. Ѓ. М. Ѓ. Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје Атанас Тешовалијата