ТЕРИТОРИЈАЛНА ОДБРАНА НА НРМ / СРМ

ТЕРИТОРИЈАЛНА ОДБРАНА НА НРМ / СРМ – систем на воена и административно-управна организација наменета за заштита на државната територија во мирно и во воено време и за извршување на други задачи од значење за националната одбрана, најширок облик на организирање на општеството за водење војна. Основни задачи на ТО се: да организира и води непосредна одбрана на територијата од дејства на уфрлени, инфилтрирани, на десантни и на други сили на непријателот; да чува воени и други витални објекти значајни за одбраната на земјата; да обезбедува комуникации, да содејствува со единиците на оперативната армија и др. Се состои од штабови, единици и установи. Единиците на ТО се активираат во војна или во непосредна воена или друга опасност за земјата. ЛИТ.: Војни лексикон, Београд, 1981. В. Ст.