ТАЏЕР, Исак

ТАЏЕР, Исак (Софија, Бугарија 24. ⅩⅠⅠ 1916 – Скопје, 17. Ⅺ 2005) – спец. интернист, патофизиолог, редовен проф. на Мед. ф. во Скопје (од 1967), академик. По студиите на Мед. ф. во Виена Исак Таџер (1935–1939) завршува во 1941 г. на Мед. ф. во Софија. Во 1942 г. стажира, а потоа е интерниран во логор, како лекар од општа медицина. Во 1944 и 1945 г. е доброволец во НОВ и ПОЈ. По Ослободувањето (1946–1948) работи и специјализира на Интерното одделение на Земската болница во Скопје, стекнувајќи го звањето специјалист по интерна медицина. Од 1949 до 1951 г. е асистент на Интерната клиника, а потоа асистент во Институтот за патофизиологија на Мед. ф. во Скопје. Во 1952 е избран за доцент, во 1959 за вонреден професор и во 1967 г. за редовен професор по патофизиологија на Мед. ф. во Скопје. Во 1953 г. хабилитирал, а во 1958 докторирал. Во периодот од 1950 до 1966 г. повеќепати бил на специјализација (Париз, Загреб, Лондон, Фрајбург, Лидс и Москва). Во 1958/59 г. е продекан, во 1964/65 декан на Мед. ф., а во 1966/67 г. е проректор на Универзитетот во Скопје. За дописен член на МАНУ е избран во 1969, а за редовен во 1974 г. Од 1984 до 1988 г. бил Секретар на Одделението за биолошко-медицински науки во МАНУ. Објавил повеќе од 300 научни и стручни трудови, од кои повеќе од 200 се објавени на англиски, француски, германски и српско-хрватски јазик. Учестувал на бројни национални и меѓународни научни собири. Првите трудови се од областа на хематологијата (анемии, хемостази), а подоцнешните опфаќаат повеќе области од клиничката и експерименталната медицина. Ги открива првите случаи со калаазар кај возрасните во Македонија. Воведувајќи ја примената на радиоактивни изотопи, ги проширува испитувањата на ендокрините жлезди и со соработниците на Институтот за патофизиологија дава повеќе прилози во изучувањето на гушавоста и нарушувањето на тироидејата. Во последните 10-тина години (со своите соработници) ја изучувал јодопенијата во нашата држава. Од 1952 г., кога е избран за доцент по предметот патофизиологија до неговото пензионирање (1983), тој држи настава по патофизиологија, а потоа и по нуклеарна медицина, не само на студентите на Мед. ф. во Скопје, туку и на Мед. ф. во Бања Лука и во Ниш. Автор е на првиот учебник по патофизиологија (Општ дел) на македонски јазик (1973) и коавтор на првиот југословенски учебник „Општа патолошка физиологија“ (Белград–Загреб, 1976). Под негово редакторство и авторство е напишан првиот учебник по „Специјална патолошка физиологија“ (Београд&Загреб, 1980, 1981, 1984, 1986 и 1989), а потоа преработено издание на „Специјална патолошка физиологија“ (1983, 1985, 1988, 1989). Во 1982 г. (во соработка со други автори) го објавува првиот учебник по „Специјална патофизиологија“ (на македонски јазик). Автор на поглавјето Нуклеарна медицина во хематологијата објавено во учебникот „Хематологија“ (Т. Стојчевски и сор., 1995) и на поглавјето Примена на нуклеарната енергија во медицината објавено во публикацијата „Современа дијагностика и терапија во медицината – прирачник за лекари“ (2000). Тој е еден од основачите на Мед. ф. во Скопје, втемелувач на патофизиологијата и нуклеарната медицина кај нас, втемелувач на современата македонска медицинска наука и струка. Во неговата личност се обединуваат во неразделна целост педагогот, научникот и лекарот. Г. Ефр.