ТАШКОВСКИ, Драган

ТАШКОВСКИ, Драган (Скопје, 10. Ⅸ 1917 – Хвар, септември 1980) – историчар и публицист. Основно и средно образование завршил во Скопје, а дипломирал и магистрирал на Високата школа за политички науки во Белград. Одбранил хабилитационен труд под наслов „Кон етногенезата на македонскиот народ“ (Скопје, 12. Ⅳ 1975) и бил избран во звањето виш научен соработник. Бил учесник во НОАВМ, а по Ослободувањето вршел разни општествено-политички функции: наставник и директор на Политичката школа на ЦК на СКМ, професор по социологија на Земјоделско-шумарскиот и на Медицинскиот факултет во Скопје, претседател на Друштвото на филозофите и социолозите на СРМ, претседател на Комисијата на Извршниот комитет на Претседателството на ЦК на СКМ за идеолошко-политичко оспособување на организациите и членовите на СКМ, директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. БИБ.: Кон Богомилското движење, Скопје, 1949; Марксизмот и религијата, Скопје, 1950; Карпошовото востание, Скопје, 1951; Самоиловото царство, Скопје, 1951; Богомилството и неговото историско значење, Скопје, 1951; Акиндин во борба против мистицизмот, Скопје 1955; Религијата опиум за народот, Скопје, 1955; Фјордизмот и марксизмот, Скопје, 1959; Вистината за религијата, Скопје, 1959 (превод на албански, 1960); Раѓањето на македонската нација (второ дополнето издание), Скопје, 1967 (словенечки превод 1968 и српскохрватски 1969); Етногенезата на македонскиот народ, Скопје, 1974; За македонската нација, Скопје, 1976; Македонија низ вековите, Скопје, 1985; За македонската нација, Скопје, 1975 (превод на српско-хрватски 1975). С. Мл.