ТАЧИ, Хамид

ТАЧИ, Хамид (с. Ваксинце, Кумановско, 1924) – борец и политичар. Се школувал во Великата медреса во Скопје (1936–1941), а потоа завршил гимназија во Приштина. Поради политички прогон бил принуден да го прекине школувањето и се приклучил на НОБ (од првата половина на 1943) како борец, политички комесар на чета, на баталјон и на бригада; демобилизиран како капетан на ЈНА. Од 1950 г. бил професионален политички работник. Ја завршил Политичката школа во Белград и бил народен пратеник во Соборот на производителите на Народното собрание на НРМ. С. Мл.