СУДСКИТЕ ПРОЦЕСИ НА ОКУПАТОРСКИТЕ ВЛАСТИ ВО МАКЕДОНИЈА

СУДСКИТЕ ПРОЦЕСИ НА ОКУПАТОРСКИТЕ ВЛАСТИ ВО МАКЕДОНИЈА(1941–1944) – процеси против припадници на Македонското националноослободително движење. Специјализирани воено-преки (полеви) судови суделе по скратена постапка или пак, честопати, воопшто не спроведувале доказна постапка, туку суделе без докази. Првиот судски процес на бугарската власт бил спроведен на крајот од август 1941 г. против учесниците на Илинденските демонстрации во Скопје. Судски процеси биле организирани против заробените партизани, припадници на Прилепскиот и Кумановскиот партизански одред (есента 1941). Само во 1941 г. биле изречени над 40 смртни и повеќе од шеесет строги временски казни. Процесите во следните години, со развојот на ослободителното движење, продолжиле да се водат со поголем интензитет. ЛИТ.: Д-р Александар Христов, Скопскиот партизански одред во полициско-судските документи на окупаторот, зб. Скопје во НОВ 1941, Скопје, 1973; Д-р Новица Велјановски, Некои елементи на бугарското законодавство од 1941-1944 год. како средство за спроведувањето на окупаторските цели во Македонија, „Погледи“, 5, Скопје, 1978. Н. В.